Предлог-иницијативата за уставни измени е во Министерството за правда - по усвојување во Владата ќе се испрати до Собранието
Уставните измени, со вметнување на уште 6 нови народи, меѓу кои и бугарскиот што ги предложи работната група не се финални. Конечната верзија ќе се пишува во наредните денови по нова консултација во редовите на власта, коментираат извори од помалите владејачки партии. Имено, во предложените измени не се нашле Торбешите и Ерменците за кои во јавноста имаше барања. Власта ги пребројува своите пратеници кои се за или против нивното впишување.
Официјално, процесот се одложува за неколку дена поради тоа што Инцијативата за уставни измени службено треба да помине низ Министерството за правда. Откако таму соодветно ќе биде напишана и преведена и на албански јазик, дури тогаш ќе оди на владина седница, а од таму во парламентот.
По шефот на државата, денеска и собранискиот спикер Џафери го промени ставот и рече дека уставните измени во Собранието може и треба да почнат и без политичкиот консензус за нив. Тој посочува дека партиите можат да преговараат се до првото гласање за кое се потребно 80 гласа „за“, а кое е дури месеци и половина по поднесувањето на Инцијативата.
Џафери дообјасни и дека ако Инцијативата за уставни измени се однесува само на членовите во кои се набројуваат новите народите, тогаш бришењето на формулацијата 20 отсто за Албанците треба да оди со нова иницијатива.
Во меѓувреме, темата за уставните измени и евентуалната лидерска средба за нив се уште е мета на препукувања меѓу власта и опозицијата.
„Левица и стравовите поради одговорност ги оставаме на СДС, ВМРО-ДПМНЕ секогаш го одбира народот. ВМРО-ДПМНЕ нудеше помош, и апелираше власта да не прифаќа диктати на штета на Македонија, СДС не послуша, водени од суетата и неспособноста своја влегоа во обврски кои не можат да ги исполнат. Левица пак, која е приврзок на СДС како патриоти на батерии по потреба на Ковачевски можат да си ги навијат како сакаат, тоа може да им биде предмет на договор“, реагираат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Лидерот на партијата Мицкоски пак, синоќа обвини и дека власта прави прави притисоци врз пратеничката група, но дека сепак таа е единствена. Тој ја прифати лидерската средба, но беше дециден дека не прифаќа уставни измени.
-
Катерина Нешкова
Сите содржини од овој новинар