Министерството за правда ќе направи консултации какво влијание ќе има даденото полномошно од специјалната обвинителка Катица Јанева сите предмети на СЈО да бидат предадени на Јавното обвинителство на РСМ, врз преговорите за новиот закон за јавно обвинителство.
-Во целиот период до сега Министерството за правда не коментира судски и јавнообвинителски одлуки, но во секој случај треба да направиме консултации какво влијание ќе има ова на одредени одредби во законот околу кои дебатираме и дали тие треба да се менуваат, велат од Министерството за правда.
Според пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, кој е дел од работната група за новиот закон за јавно обвинителство, специјалната обвинителка Катица Јанева како лице кое е во притвор не треба да има комуникација со институциите или вработените на кои може да влијае.
Барањето на Катица Јанева доаѓа воочи денешната седница на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата, на која ќе се одлучува за нејзино разрешување.