Македонија
28. November 2021 - 16:34

Прекуграничните региони на Македонија и Бугарија формираат заедничка мрежа за превенција и справување со шумски пожари

Прекуграничните региони на Македонија и Бугарија формираат заедничка мрежа за превенција и справување со шумски пожари. Во мрежата се вклучени претставници од сите релевантни институции од двете страни на границата, а истата се реализира како резултат на реалните потреби и искуствата од терен, но и да се промовира  волонтерството во противпожарната заштита.

,,Би требало да биде еден координатор, еден двигател на прекуграничната соработка во случај на било какви катастрофи, пред се природни катастрофи, меѓутоа главна и основна цел е спречувањето на шумските пожари, вели Мима Станоевска - проектен асистент. 

,,Шумските пожари не знаат каде поминува државната граница, односно не се локализирани само во Македонија или само во Бугарија и затоа ние започнавне со формирањето на таа неформална мрежа со цел партнерството помеѓу општините, против пожарните служби од двете страни на границата доброволните друштва да биде на такво ниви што ќе може брзо да се реагира и да не доаѓа до човечки жртви бидејќи во Бугарија ова лето во општина Сандански во шумски пожар загинаа две лица, вели Љубица Томова - Извршен директор на здружение на Југозападни општини во Бугарија.

Мрежата е неформална и во иднина ќе служи како база за подобра координација помеѓу надлежните структури во двете држави. И покрај тоа што Македонија и Бугарија веќе имаат повеќе меѓународни договори во делот на цивилната заштита оваа мрежа во голема мерка ќе ја олесни соработката пред се помеѓу локалните институции.

,,Тоа ни ја олеснува работата бидејќи контактираме брзо и ефикасно и прибираме податоци. Тие ни даваат нивни податоци, ние даваме наши податоци како во врска со материјалот што гори, површината, временските услови кај нас, временските услови кај нив како би можело да се направи една заедничка акција, вели Митко Димчев - инспектор во ДЗС.

,,Со формирањето на оваа мрежа во голема мера ќе се олесни и комуникацијата од наша страна и колегите од соседна Република Бугарија за заеднички и координиран настап на терен, вели Александар Гудев - командир на ТППЕ Струмица. 

Во рамки на оваа прекугранична соработка  сите 112 пожарникари од југоисточниот регион ќе добијат  и специјализирана лична заштитна опрема за шумски пожари. Целиот проект чини близу 400.000 евра обезбедени од Европската Унија преку ИПА Интерег програмата.