Бизнис
16. September 2019 - 16:26

Преквалификувањето на невработените може да помогне, но нема да создаде ИТ-инженери

Владината мерка за преквалификација на невработените нема целосно да ги реши проблемите со недостиг на соодветен кадар во ИТ секторот. И компаниите и студентите по електротехника ја поздравуваат мерката, но се согласни дека во ниеден случај човек кој нема ИТ позадина не може да стане инженер. Агенцијата за вработување веќе ги презентираше трите јавни огласи за обуки за ИТ вештини наменети за невработени млади лица до 34 годиншна возраст. Очекувањата на надлежните се дека со 35 милиони денари ќе се преквалификуваат околу 1.250 невработени.

“Многу е важно да се назначи уште на почеток, да се избалансираат очекувањата од двете страни. Од една страна е очекувањето дека кандидатите кога ќе завршат нема да добијат 1.500 евра нето плата, туку зборуваме за започнување од околу просечна нето плата колку што е во Македонија, па одење до некоја горна граница од можеби 1.500 евра во зависност од тоа колку човекот понатаму ќе вложи во себе и ќе се надградува и технички и едукативно. Од друга страна е важно да се балансираат очекувањата кај компаниите, да знаат дека тие нема да добијат спремни инженери”, вели Анита Никова Бундовски, извршна директорка на МАСИТ, Стопанска комора за информатички и комуникациски технологии.

Од МАСИТ предлагаат во иднина мерката да биде достапна и за веќе вработените, со што би се подигнало нивото на квалификувани кадри во сите дејности.

Од Здружението на студенти сметаат дека префрлувајќи се од друга индустрија во ИТ секторот, може да се добијат квалитетни кадри, но само за помошни позиции.

“Постојат два типа на тестирачи на квалитет на софтвер: оние кои се експерти во одредена област, на пример осигурување, може да тестираат софтвер во осигурување. И оние кои имаат техничко предзнаење може да се надоградат во учење на нови алатки. Дали недостатокот на кадар во ИТ компаниите ќе се реши со оваа мерка? Сметам дека не, бидејќи програмирањето не е нешто што може да се научи за 6 месеци или за година. Тоа е процес што бара подолго време и поинаков начин на размислување. Меѓутоа дефинитивно може да се пополнат суплементарни позиции во ИТ компаниите и дефинитивно позитивни за луѓето кои ќе се преориентираат во една поздрава работна средина каде што вработените дефинитивно се ценат”, вели Стефан Митески од Здружението на студенти по електротехника и основач на софтверска старт ап компанија.

ИТ индустријата брои речиси 2.200 компании и вработува околу 14.500 вработени, а секторот остварува годишни приходи од околу 860 милиони евра.