Македонија
26. April 2018 - 14:17

Премиера на „Одмаздници: Војна на Бесконечноста“, ФХ3Х работеа на ефектите

Македонската компанија за анимација и визуелни ефекти ФХ3Х учествуваше во креирањето на визуелните ефекти на деветнаесеттиот член на Марвеловиот Универзум „Одмаздници: Војна на Бесконечноста“, кој од вечерва ќе почне да се прикажува во Скопје.

Режијата е на Ентони и Џои Русо, и ги обединува суперхероите од Одмаздниците, Чуварите на Галаксијата во најспектакуларната актерска екипа досега со Роберт Дауни Џуниор, Крис Хемсворт, Марк Рафало, Крис Еванс, Скарлет Јохансон, Бенедикт Камбербеч, Том Холнад, Чедвик Босмен, Пол Бетани, Елизабет Олсен, Анетони Меки, Себастијан Стан, Том Хидлстон, Зое Салдана, Вин Дизел, Бредли Купер, Крис Прат, Гвинет Полтроу, Ангела Басет и многу многу други.

Според Кристијан Даниловски, ко-сопственик на ФХ3Х и извршен продуцент, на овој проект работеле од октомври 2017 до февруари 2018 година.

- На овој проект беа изработени околу 50 кадри, а според Фанданго страната за продажба, филмот е веќе рекордер во продажба на онлине билети како најпопуларен филм. Овој рекорд го постигнал во првите шест часа од отворањето на продажбата. Причина за интересот е што многу фанови сакаат да ги видат огромниот број суперхерои како соработуваат заедно, групирањето со Чуварите на Галаксијата им е симпатично и ова го доживуваат како кулминациска точка во кинематографијата на Марвел, чија разврска ќе се случи во продолжението закажано за 3 мај 2019 година, изјави Даниловски.

„Одмаздници: Војна на Бесконечноста„ е Марвеловото продолжение на „Одмаздници„ од 2012 година, и „Одмаздници:Ерата на Ултрон„ од 2015 година и е деветнаессетти филм во Марвеловиот Филмски Универзум.

Премиерата е вечерва во 20 часот во киното Синеплекс.