Македонија
6. August 2021 - 16:53

Премиерот и поголем дел од министрите заминаа на одмор

Пожарите, ниту кризната состојба во државата не ги спречија премиерот и дел од министрите да заминат на одмор. Ќе одмараат до 12 ти август потврдија од владината прес служба. Нивното отсуство не било пречка за нормално да ги извршуваат своите функциим, уверуваат од таму. За пожарите постојано се координирале телефонски и преку интернет.

Владата секојдневно ги извршува сите свои функции, а согласно состојбата со пожарите министрите секојдневно заседаваат и одржуваат седници преку онлајн видео конференциска врска и навремено и непречено ги носат сите потребни одлуки.

Согласно меѓусебна координација, дел од министрите нема да користат денови од годишен одмор во овој период, а со цел да се обезбеди и теренска и канцелариска координација на активностите секогаш и секаде каде што тоа е потребно.

Од Владата не откриваат каде летува премиерот и министрите. Велат дека не располагаат со такви информации. Теренската координација додека тие се отсутни ја раководи првиот вицепремиер Артан Груби, министерката Шекеринска и неколку други министри и заменици.

За отуството на премиерот и дел од министрите додека Македонија се соочува со катастрофа, реагираа и од опозициската ВМРО ДПМНЕ.

-Македонија гори, прогласија кризна состојба и ги снема. Го оставија народот сам на себе. Граѓани со лопати и кофи гасат пожари, мака мачи да си го заштити животот и имотот, да ја спаси Македонија, кој со што може и има.   Неспособноста и неодговорноста на власта се гледа на секој чекор. Едноставно затаи системот на заштита, бидејќи доколку имаше навремена системска реакција, пожарите немаше да ескалираат. И три дена нема ни трага ни глас од Заев. Тој е првоодговорен за состојбите. Не може неговиот одмор да биде поважен од животот на граѓаните. Тој и сите функционери се платени од парите на граѓаните, истите оние кои што сега се борат за жживот и молат за помош, вели Мисајловски од ВМРО ДПМНЕ.

На социјалните мрежи се појавија фотографии од плажа на кои се гледаат владините функционери. Засега нема официјална потврда дека фотографиите се направени деновиве. Но самиот факт дека најголем дел од владинот тим е на одмор ги разгневи граѓаните кои бурно реагираат на социјалните мрежи.