Македонија
7. August 2020 - 21:35

Препукување за хаваријата во РЕК

Обилните врнежи од дожд во битолско предизвикаа поплава на јагленовите откопни полиња во Рудникот Суводол во РЕК Битола и го прекинаа ископот и транспортот на јаглен, а слична е состојбата во рудникот Брод Гнеотино каде во моментов се копа кровна јаловина, информираат од комбинатот. Според податоците на стручните служби во РЕК Битола, во Рудникот Суводол се слеале околу 630.000 метри кубни вода, што претставува временски феномен незабележан во последните 20 години. Од комбинатот  преку соопштение информираа дека и покрај елементарната непогода со која се соочува РЕК Битола, производството на електрична енергија засега продолжува непречено, согласно планот и потребите на електроенергетскиот систем на земјата. Денеска во РЕК Битола беше одржан состанок на раководството на кој беше донесен Акционен план за санирање на последиците од поплавите во рудниците од страна на АД ЕСМ и РЕК Битола. Беше истакнато дека со сопствени ресурси, а по потреба и со поддршка на надлежни институции во земјата, комбинатот ќе ги санира штетите од поплавите, а подготвени се и краткорочни и среднорочни мерки за брзо и ефикасно санирање на штетите.

На ова реагираа ВМРО ДПМНЕ. Оттаму велат дека хаваријата во РЕК Битола е заради неодговорноста и неспособноста на власта, а не заради природните непогоди.

- Јавноста треба да знае дека поради немање на доволни количини на јаглен уште од 18 јули 2020 година РЕК Битола работи само со еден блок, а според плановите од 15 јули требаше да работат сите три блока. Најголемиот багер за ископ на јаглен повеќе од еден месец е надвор од функција бидејќи е потопен и заглавен во кал, уште пред да се случат вчерашните поројни дождови. За сето ова ВМРО-ДПМНЕ неколку пати ја известуваше јавноста во месец април, мај и јуни. Додека ние ја известувавме јавноста дека најголемиот багер е потопен во вода уште од април, СДСМ се грижеше само како да го спроведе предизборниот поткуп на граѓаните за да може на незаконски начин да ги добие изборите и да не одговара за овие злодела на државниот имот, изјави СТЕВЧЕ АНТОВСКИ, ВМРО ДПМНЕ.

Антовски вели дека подолго време ја алармираат јавноста за погубните политики во енергетскиот сектор, особено за состојбата во РЕК Битола, а според него, доколку вака се продолжи може да се случи целосен колапс  во производството на електрична енергија во комбинатот.