Македонија
1. March 2021 - 21:19

Пресудите во Стразбур сериозен товар по буџетот - Кој треба да плати кога правосудството греши?

53 илјади евра е највисоката отштета утврдена лани од судот во Стразбур поради грешка на македонските правосудни органи. Пресудата е една од 14-те донесени во 2020 за кои судот за човекови права утврдил пропусти во постапките водени пред домашните судови. Според податоците од Бирото за застапување на Македонија пред судот во Стразбур, вкупната отштета која треба да ја плати земјава на македонски граѓани кои лани ја тужеле држвата е скоро 110 илјади евра.

Експертката јавност смета дека недозволиво е граѓаните да ги плаќаат грешките на правосудниот систем. Бараат одговорност за судиите.

Засега државата нема механизам како да превенира судски одлуки на штета на државата. Министерот за правда неодамна за Сител изјави дека казни за судиите или обвинителите ќе имаат спротивен ефект, но бара да сносат професионална одговорност.

Судот во Стразбур годишно донесува по десетина пресуди во корист на македонските граѓани. Таква доби и Љубе Бошковски за предметот Кампања за кој судот за човекови права утврдил дека му биле прекршрени правата за фер судење. Поради тоа, државата ќе треба да му исплати отштета од над 5 илјади евра.

Во изминатите 10-тина години, за над 150 пресуди во Стразбур, државата исплатила над 2 милиони евра отштета.