Македонија
6. јуни 2017 - 19:25

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски се сретна со претседателот на ЕПП, Жозеф Дол

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен премиер на Република Македонија, Никола Груевски, попладнево присуствува на конференција во Европскиот парламент посветен на Западен Балкан, а претходно во седиштето на Европската народна партија (ЕПП) одржа средба со првиот човек на најголемата европска политичка партија Жозеф Дол. Во изјава за МИА по средбата, Груевски, кој е придружуван од Никола Попоски и Александар Николоски, истакна дека со Дол разговарале за случувањата во македонската држава и начинот како да се забрза приемот на земјата во Европската унија и НАТО.

- Денеска започнавме со работен ручек организиран во Европарламентот од страна на Европската народна партија на кој присуствуваат поголем број на високи претставници на ЕПП. Потоа имав средба со Жозеф Дол на која практично се обидов да му ја пренесам состојбата во Македонија од март, кога последен пат  се видовме со него на Малта, односно се што досега се случуваше и она што се очекува. Во разговорот со него ги реафирмирав нашите позиции за членство во НАТО и во Европската унија и да му укажам на тоа дека Македонија премногу чека и дека тоа не е добро ниту за државата, ниту за регионот - истакна Груевски.

Во рамки на во дводневна работна посета на Брисел, во текот на утрешниот ден Никола Груевски и делегацијата на ВМРО-ДПМНЕ, имаат набиена агенда на билатерални средби со голем број на европратеници, а предвидено е и да се сретнат со еврокомесарот за преговори за проширување Јоханес Хан. Тема на разговорите е состојбата во Македонија и евро-атлантските аспирации на земјата, односно како најбројната партија во Европарламентот може да и помогне на македонската држава за да напредува во овој процес.