Македонија
25. September 2019 - 16:31

Претседателот Пендаровски во интервју за Сител - нуди помош во преговорите власт-опозиција

Во однос на ќорсокакот во преговорите власт – опозиција за Законот за јавно обвинителство, и дали има можност за вклучување странски посредници, претседателот Стево Пендаровски во интервју за Сител вели дека негова проценка е оти странски медијатори нема да се вклучат.

– Ние чекаме датум за преговори со ЕУ и сме на прагот на НАТО и кога разговарате со некој од меѓународните претставници на повисоко ниво или со некој од ЕУ ви велат вие сега практично треба да бидете како нас. И во соседна Албанија каде има многу полоша комуникација меѓу власта и опозицијата, странците не се вклучуваат, рече тој.

Меѓутоа, според него, потребно е вклучување на институција одвоена од политичките партии, што би можела да биде понезависен арбитер или медијатор во таков тип преговори, бидејќи како што рече, само партиски собири не можат да бидат докрај продуктивни ако станува збор за стратешки битни државни прашања.