Македонија
11. July 2021 - 19:51

Претставници од Италија и Романија во Македонија учат како да им помогнат на младите да најдат работа

Ако досега ние како држава постојано добивавме обуки и насоки од ЕУ за тоа како да се развиваме во повеќе општествени сфери, сега можеби за прв пат една македонска невладина организација, ЛАГ АГРО ЛИДЕР, во Крушево спроведе обука за тренери за поддржано вработување на млади. Односно претставници од Италија и Романија се обучуваа со вештини, знаење и алатки како потоа на младите во нивните земји да им помогнат побрзо да се вработат.

„Идејата да се креира еден ваков проект со партнерство со земјите од ЕУ е тоа што стапката на младинската невработеност и во Македонија и во Романија и во Италија е на високо ниво, а особено пандемијата со Ковид 19 дополнително претставуваше да ја изгубат работата, меѓутоа и да не можат да пристапат на пазарот на трудот и да добијат вработување. Оваа иницијатива беше прифатена од евалуациониот тим на Еразмус плус програмата и затоа сега започнуваме да ги спроведуваме нашите активности“, вели Марина Тошеска, Лаг Агро Лидер.

Овој тренинг за младински работници е поддржан од Еразмус+ програмата, Клучна Акција 2 стратешки партнерства за млади и Националната Агенција за Европски образовни програми и мобилност.

„Ова е можност за да се развие капацитет за вмрежување, за развој на нови методи. Моментално во Италија немаме развиено ваков метод и затоа сме многу возбудени да го научиме и да го спроведеме овој нов метод“, истакна Луиџи Балако учесник на обуката од Италија.

„Сметам дека многу заедници може да искористат многу од ова за да ја подигнат свесноста колку е важно да се биде подготвен за пракса, за прашања, да се знае како да се напише мотивационо писмо, кратка биографија, да се знае како да се однесувате кога сте на интервју“, рече Даниела Пугна, учесник на обуката од Романија.

Како финален резултат од овој проект ќе биде креирањето на водич што ќе биде голема поддршка и корист за вработување на младите и намалување на стапката на невработеност.