Македонија
29. September 2015 - 14:56

Презентирана Националната стратегија за развој на пенитенцијарниот систем

Во рамки на проектот финансиран од ЕУ за “Градење на капацитетите на агенции за спроведување на законот за соодветен третман на притворените и осудените лица“ денеска во Скопје беше презентирана Националната стратегија за развој на пенитенцијарниот систем.

Главната цел на стратегијата е да се обезбеди ефикасен и професионален пристап во организацијата и во надзорот на работата на казнено-поправните институции и воспоставување на системот за условна казна  во земјата со обезбедување на правно и безбедно извршување  на санкциите, заштита на правата на лица лишени од слобода и целосно почитување на човечката личност, со цел да им овозможи да живеат попродуктивен живот и без криминал по нивното враќање во заедницата.

- Со спроведуавњето на оваа стратегија во периодот од 2015 до 2019 година, земјата ќе се обиде да обезбеди подобар национален казнено-поправен систем, кој ќе придонесе за унапредување на севкупната безбедност во општеството, истакна денеска на презентацијата директорката на Управата за извршување на санкции, Лидија Гавриловска.

Стратегијата, како што рече министерот за правда Аднан Јашари, е прв национален сеопфатен документ кој го трасира патот на развојот на македонскиот пенитенцијарен систем за наредниот петгодишен период.

За првпат во затворскиот систем во Република Македонија, како што истакна, е изготвен стратешки документ на национално ниво, кој е во согласност со сите меѓународни стандарди и практики од областа на извршувањето на санкциите.

- Главниот фокус е насочен кон унапредување на ефикасноста и ефективноста на пенитенцијарниот систем, подобрување на начинот за постапување со целосно почитување на човековите права и достоинство на лица лишени од слобода во Казнено поправните установи, ресоцијализација на осудените и малолетните лица и нивна успешна реинтеграција во општеството и подобрување на условите и намалување на пополнетоста во казнено-поправните и воспитно -поправните установи, истакна Јашари.

На презентацијата беше посочено дека македонскиот пенитенцијарен систем ги содржи сите елементи на модерен систем на извршување на санкциите, кој треба да обезбеди современи услови за издржување на казната затвор и воспитната мерка-упатување во воспитно-поправен дом, како и функционален систем на извршување на алтернативни мерки.

Шефот на делегацијата на Европската унија Аиво Орав истакна  дека иако состојбата во затворите во Македонија е лоша, сепак се гледаат некои напори за таа да се подобри.

- Проектот за реконструкција на затворите продолжува, воспоставен е нов Центар за обука, а Управата има усвоено процедури и стандарди за постапување со затворените лица, рече Орав и додаде дека постои Акциски план за надминување на лошата материјална состојба, како и за здравствената заштита и ресоцијализацијат на осудените лица.

Според Орав, за спроведувањето на стратегијата потребно е силно политичко единство и напорна работа од сите релевантни институции, како и повеќе финансиски и човечки ресурси.

- Иако државниот буџет е доста ограничен, сепак сметаме дека  парите за заштита на основните човекови права треба да претставува приоритет. Истовремено, треба да бараме иновативни начини за штедење на јавните пари. ЕУ и дава помош на Владата за воспоставување модерен пробациски систем и се надеваме дека овој систем наскоро ќе биде усвоен и оваа служба ќе биде воспоставена, рече Орав. Според него, тоа ќе овозможи намалување на пренатрупаноста на затворите, ќе ги подобри ефектите на ресоцијализација на лицата, што ќе доведе до заштеда на јавните пари.

За спроведување на Националната стратегија ќе се обезбеди национален координативен пристап помеѓу сите одговорни институции, како и работата на партнерите и соработниците кои ќе бидат вклучени во процесот на имплементација. Главната одговорност за имплементација на Националната стратегија ја носи Министерството за правда-Управата за извршување на санкциите.