Прилепчани еден месец немаат одговор од што се гуши градот
И после повеќе од 1 месец инспекторите не можат да излезат со конкретен одговор од каде доаѓа неподносливата миризба во Прилеп, кој е загадувачот и дали и колку тоа е штетно по здравјето на граѓаните. Главниот сомнеж е дека миризбата доаѓа од предизвиканите пожари на место каде во минато се складирал отпад во кругот на поранешната фабрика 11 Октомври. Ова беше една и од главните точки за кои се расправаше на 32 седница на Советот на Општината. Земени биле примероци од лице место но засега нема одоговор од државниот инспекторат за животна средина за каков вид на материја станува збор и колку е таа штетна по здравјето на граѓаните.
„Додека не излезат анализите и додека надворешната канцеларија за криминалистички работи не излезе со конкретен извештај дали тоа ќе биде до Јавното обвинителство тука во Прилеп, дали ќе биде испратено до друга некоја надлежна служба, не смеат службите во општина Прилеп да преземаат други активности во насока на дислоцирање на тој отпад“, истакна Дејан Проданоски, претседател на Совет на Општина Прилеп.
Доколку се утврди дека станува збор за т.н. безбеден отпад истиот ќе може да се дислоцира и однесе на прилепската депонија, но доколку се утврди дека станува збор за опасен и небезбеден отпад ќе треба истиот да биде отстранет од посебни служни, на посебно одредени места и депонии за таков отпад.
„Имаме безбеден и небезбеден отпад за третирање, оној кој се рачува во оваа прва група може да се дислоцира на било која депонија, меѓутоа доколку се утврди од материјалите кои се земени дека тој е небезбеден за животната средина треба да има посебен третман и да се дислоцира во посебни услови на посебни депонии каде постои можност таков отпад да биде депониран“, додаде Проданоски.
Граѓаните пак се убедени дека миризбата доаѓа од фабриката Ламинати Ком, а не ѝод кругот на поранешниот гигант 11 Октомври, токму и поради тоа во саботата одржаа и мирен протест пред овој објект. Сопствениците демантираат дека погонот загадува, а дека таму нема загадување досега покажаа и сите инспекциски надзори. За овој случај известени се сите надлежни органи во Македонија, а прилепчани очекуваат брзо пронаоѓање на загадувачот.
-
Дарко Штаргоски
Сите содржини од овој новинар