Бизнис
31. October 2018 - 19:48

Прилепски Водовод бара да се зголеми цената на водата за пиење

Поради започнувањето со работа на пречистителната станица за третман на урбани отпадни води цената на водата во Прилеп, по предлог на ЈКП „Водовод и канализација“ ќе поскапи за дополнителни 17,35 денари по метар кубен.

По барање на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ вчера беше одложена точката на седницата за поскапувањето.

Според директорот на Водовод, Емил Јанески, цените на водните услуги сега ги утврдувала Регулаторната комисија за енергетика и оваа цена била 10 денари пониска од максималната тарифа предложена од Регулаторна и дури 4 денари пониска од предложената просечна тарифа. Повика да не се меша политиката во овој случај.

„Доколку советот не ја изгласа цената препорачана од страна на ЈКП „Водовод и канализација“ при повторување на постапката тоа ќе го направи Регулаторната комисија за енергетика. Во тој случај ви тврдам дека цената во никој случај нема да биде ниту за денар пониска од просечната. Секаде каде што ќе има пречистителна станица, каде што има во моментов и ќе има во иднина, сметката која што ќе ја добиваат граѓаните во тој град ќе биде повисока од сметката која ќе ја плаќаат граѓаните на општина Прилеп“, рече Емил Јанески, директор на ЈКП „Водовод и канализација“ Прилеп.

Воведувањето на оваa нова услуга било дел од договорот склучен уште во 2008 година, кога се обезбедиле средства од ЕУ за изградба на станицата. Вкупната инвестиција за пречистителната станица чинеше 23 милиони евра.