Македонија
6. April 2020 - 16:58

Прилепските дуќанџии незадоволни од економските мерки на владата за справување со економската криза

Дуќанџиите од старата прилепска чаршија денеска преку мирен собир изразија незадовоство од економските мерки на Владата. Велат дека овие мерки воопшто не им биле од корист туку само ќе го оддолжеле нивното пропаѓање. Инаку дуќаните во прилепската чаршија се затворени од почетокот на епидемијата на корона вирусот. Некои сопственици испуштија дел од вработените, а дел пак целосно ги затворија фирмите. Денеска тие излегоа со свои барања до државата.

„Исплата на бруто плати за месеците март, април и мај за секој вработен за кој досега уредно се плаќани придонеси, без оглед дали тој е основач, управител или работник. Мораторитум за прво тромесечие за 2020 година на аконтациите за ДДВ. Да се замрзнат кредитите во деловните банки, да не се пресметува камата за тие месеци и да се остави време на трговските друштва да се прилагодат после кризата. Неповратни средства на фирма од 3.000 до 5.000 евра за набавка на роба за следната сезона после кризата. Овие мерки да важат до завршување на кризата. Бараме од сопствениците на објектите да ни излезат во пресрет со тоа што ќе не ослободат од закупнина во овие кризни месеци“, истакна Мариче Најдоска, сопственик на дуќан во старата прилепска чаршија.

Дуќанџиите истакнаа дека се оградуваат од секакви партиски влијанија, не ги интересира политика туку само нивната егзистенција. Потенцираа дека не бил фер ваквиот однос од Владата бидејќи тие како фирми 30 години го полнеле буџетот на државата, а сега не добивале ништо.

„И сега Владата не изостана нас, ние кои со години го полневме буџетот. Има многу услови, точки и потточки кои ние не можеме да ги исполниме. Ако Владата може да обезбеди пари за администрацијата, полни плати, мислам дека може и за нас коии преку 20 или 30 годинии плаќаме придонеси и го полниме буџетот“, рече Ленче Костоска, сопственик на дуќан во старата прилепска чаршија.

Прилепските дуќанџии се надеваат дека Владата ќе слушне нивните апели, во спротивно ќе морале да стават клуч на своите фирми.

Инаку денеска поради рапидното зголемување на бројот на зарзени со корона вирус во Прилеп градоначалникот Илија Јованоски побара од Владата за Прилеп да бидат донесени поригорозни мерки, слични на мерките за Куманово.