Македонија
30. January 2023 - 16:33

Приватните превозници најавуваат нова блокада на Скопје од понеделник

Ако неделава нема договор, од понеделник Скопје повторно ќе биде блокирано. Приватните превозници утринава на протест пред ЈСП побараа средба со директорот Стојковски, а нови барања испратија и до Град Скопје и до Владата. Директорите на „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ не дојдоа, а долгот од милион и пол евра ќе го бара нов преговарачки тим. Но, ако до крајот на неделата нема никаков договор, автобусите повторно ќе ги паркираат по булеварите.

Веќе 6 месеци немаме земено ни денар. Т.е минатата недела е извршена уплата на понижувачки 5 илјади денари. Сакаме да прашаме зошто се уплатени само 5 илјади денари? Единствен излез, единствено демократско право е протестот. Се надевам дека граѓаните овојпат ќе бидат на наша страна, тие и се на наша страна затоа што превозот е во многу лоша состојба.“ – Јовица Зафировски, приватен превозник

Приватниците веќе најавиле блокади кај железничка, ама откако полицијата им кажала дека заради годишнината од раѓањето на Гоце Делчев ќе има посебен сообраќаен режим, се откажале од идејата. Дел од возачите, пак, веќе и се вработиле во ЈСП.

Јас мислам дека премиерот веќе ќе не прими. Само да помине и оваа агенда, еве ќе доаѓа делегација од Бугарија. Сите штрајкови ги откажавме заради нив. Не можеме граѓаните и државата да ја малтретираме заради наши суети. Има некои од превозниците што се вработиле во ЈСП. Лебот е во прашање. Тие мора да јадат. Не може цело време да бидеш без работа, не можеш да егзистираш.“ – Мемед Асани, приватен превозник

Ковачевски им вети средба откако ќе го добие извештајот од УЈП. Арсовска веќе одби средба. Не признава долг кон нив и им предложи да ја тужат, а судското рочиште е закажано за 9-ти февруари. Од ЈСП, пак, не откриваат дали и кога ќе има средба таму и кусо ни одговорија дека денот е пред нас.

Скопје трет месец е без редовен јавен превоз и гужви на постојките, откако Арсовска им ги раскина договорите на приватните превозници. На двата огласи за приватни линии не се пријави никој, а советот не и дозволи да позајми 10 милиони евра за да купи повеќе автобуси за ЈСП.