Македонија
13. March 2017 - 14:48

Пробиштип инвестира во спортската инфраструктура

Општина Пробиштип почна со реконструкција на старата спортска сала во средното училиште „Наум Наумовски-Борче“, која ќе биде наменета за спортистите кои тренираат боречки вештини. Градоначалникот на Општина Пробиштип, Тони Тоневски вели дека за реконструкција на оваа сала во првата фаза се издвоени 500.000 денари од буџетот на Општината.

- Со реконструкцијата ќе овозможиме услови за овој објект да се користи за боречките спортови. Значи веќе имаме формирано боречки клуб, карате клуб и се надевам дека во блиска иднина ќе формираме и боксерски клуб и оваа спортска сала сите овие спортисти ќе можат да ја користат. Додека учениците од СОУ „Наум Наумовски-Борче“ имаат ново изградена спортска сала, а исто така и останатите училишта имаат нови спортски сали, вели Тоневски.

Тој најави дека годинава Општина Пробиштип ќе издвои 2.500.000 денари за реконструкција на затворениот базен, кој е во рамките на основното училиште „Никола Карев“.

- Со реконструкцијата во функција ќе биде ставен еден од ретките училишни базени, а каде што најмладите од нашата општина ќе можат да го користат на часовите по физичко, односно да тренираат пливање, вели Тоневски.

Во подрачното основно училиште „Ванчо Трајков“ во село Пробиштип  се гради и повеќенаменско игралиште.