Македонија
6. August 2020 - 12:31

Продолжена кризната состојба – расте бројот на илегални мигранти

Продолжува кризната состојба на јужната и северната граница на државата. Одлуката ќе трае 30 дена , а се носи поради зголемениот  обем на влез и транзитирање на мигранти низ територијата на Република  Македонија и поради пандемијата и опасноста од ширењето на корона вирусот.

 Со одлуката која беше донесена на последната владина седница се активира и главниот штаб при Центарот за управување со кризи кој ќе биде во постојано заседавање и кој има задолжение да изготви акциски план за превенција и справување со влезот и транзитирањето на мигрантите низ територијата на државата.

Во последните два месеци обидите за илегален премин повторно бележат нагорна линија. Дневниот просек на спречени обиди се движи  по околу стотина лица. Најголемиот дел од обидите се откриваат јужната граница со Р Грција. На овој дел  во последниот период  се спречени над 93% од вкупниот број на обиди за илегални преминувања.

Од регионалниот центар Југ кој го покрива подрачјето на јужната граница информираат дека продолжуваат со засилено обезбедување на државната граница и тоа во содејство со странските полициски контингенти во рамки на заедничката операција со цел континуирано и навремено да се спречат обидите за илегалено преминување на границата како и да се откријат криумчарите. Во изминатите два месеци се случија и  повеќе сообраќајни несреќи во кои учествуваа возила што превезуваат мигранти. Во несреќите едно  лице го загуби животот, а над триесетина беа повредени.