Македонија
30. јуни 2020 - 16:52

Продолжи судскиот процес за 27 април, Обвинителството изведува материјални докази

Комуникација меѓу 100-ци телефонски броеви понуди обвинителството како докази за организирање на крвавиот четврток. Извештаите од повици и СМС пораки кои беа презентирани на денешното судење, се за период од неколку денови пред и по 27-ми април. Обвинителството не наведе кои луѓе ги користеле мобилните броеви. Одбраната бара тие докази да не се земаат предвид оти во нив нема комуникација на обвинетите.

„Во ниту еден од овие докази го нема Миле, Спиро, го нема Трајко во разговор со ниту едно од тие лица. Затоа баравме да тие докази во овој предмет и во оваа постапка и за овие лица како несуштински докази од кои што ништо не се утврдува, едноставно да не бидат изведувани“, вели Еленко Миланов, Адвокат.

Одбраната му забележа на обвинителството дека нуди докази од претходното судење, а се однесувале на сега амнестирани па според адвокатите таквите докази се неупотребливи.

Судењето за наводните организатори на 27, продолжува на 10 јули.

Обвинети во овој предмет се поранешниот собраниски спикер Вељановски, министрите Јанакиески и Ристовски како и екс директорот на УБК, Атанасовски.