Свет
11. December 2019 - 8:42

Продолжија разговорите меѓу суданската Влада и лидерите на бунтовниците

Претставници на суданската преодна Влада денеска се состанаа со лидерите на бунтовниците и на тој начин ги продолжија разговорите во обид да се заврши граѓанската војна во земјата.

Откако во април беше соборен претседателот Омар ал-Башир, по договорот меѓу војската и цивилите кои ги предводена протестите против дотогашниот претседател, беше упатен повик за мировни преговори со бунтовниците.

Со договорот на привремената власт и е даден рок од шест месеци, кој завршува во февруари, да постигне мир со вооружените групи кои со години веќе се борат против власта во Картум.

Новата суданска Влада е под голем притисок да ги заврши судирите со бунтовниците додека истовремено се обидува да ја заздрави опустошената економија, да привлече неопходна странска помош и да ја воведе ветената демократија.

Делегацијата на владата на разговорите ја предводи заменикот на Суверениот совет, генералот Мохамед Хамадан Дагало.

Претседателот на Јужен Судан, Салва Кир,  изрази „решеност преговорите да бидат успешни и заради мирот што побрзо да се дојде до договор“.

Во бројните судири во Судан досега животот го загубиле повеќе стотици илјади лица.