Продолжува постапката за „Титаник“, Обвинителството ќе се произнесе на завршни зборови по измените на Кривичниот законик
Нема промени во постапката во случајот Титаник, иако во четвртокот стапија на сила новите измени на Кривичниот законик. Денеска во судницата расправата течеше вообичаено, се слушаа сведочења, а новите измени не се споменаа ниту еднаш, ниту од обвинителството, ниту од одбраната.
Обвинителката Лиле Стефанова која го води најголемиот случај кој го покрена поранешното СЈО, рече дека на завршните зборови ќе се произнесе околу застарување на делото-злосторничко здружување, кое на товар им се става на обвинетите, бидејќи тие се обвинети и за други кривични дела во овој предмет.
Од одбраната пак велат не можат да предложат застарување на делото, бидејќи тоа треба да го направи Обвинителството.
Предметот Титаник се однесува за изборни нерегуларности. Обвинението се однесува на 16 лица. Првообвинет е екс премиерот Никола Груевски, а за овој случај веќе осудени се поранешните министри Гордана Јанкуловска и Миле Јанакиевски кои признаа вина.
Злосторничко здружување е делото кое застарува со новите законски измени, односно наместо максимална казна затвор од десет години, со измените таа ќе биде максимум три со што делото застарува за Груевски и поранешниот гернерален секретар на владата Божиновски.
Покрај злосторничко здружување, делото кое застарува, на обвинетите им се суди и за повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања.
Следното рочиште за овој премет е закажано за во среда.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар