Македонија
14. April 2021 - 16:34

Проект кај Холидеј Ин - Дали нуди хумани услови за домување?

400 станови за 1.200 жители во две станбено-деловни згради и еден целосно деловен објект на паркингот карши ГТЦ. Инвеститорот го презентираше идејното решение за изградбата на висококатниците од 15, 20 и 25 ката. Под објектите ќе бидат направени и илјада паркинг места. Архитектите тврдат дека за инвестицијата вредна 60 милиони евра се предвидува и повеќе од 20% зелено, како што е предвидено според Закон.

-Зеленилото на терасите на самите објекти, на балконите не е влезено во оваа квадратура на зеленило што ја имаме достигнато. Тоа е само дополнителен плус, дополнителен квалитет на живеењето во овие објекти, вели архитектот Мартин Пановски.

Архитектите уверуваат дека бројот на новите жители во строгиот центар на Скопје не е голем. Сепак, нема одговор каде децата на новите станари ќе одат во градинка или на училиште. Во моменталниот ДУП не е предвидена изградба на ниту еден воспитно-образовен објект.

-Во Деталниот урбанистички план моментално не е предвидено ниту школо, ниту градинка. Ниту е предвидено во стариот, ниту е предвидено во новиот ГУП. За ваша информација, школи и градинки во радиус од 100 метри имате по две основни школи и две градинки. 

-Ако некој сака да отвори приватно школо или градинка, денешните закони овозможуваат тоа да го направи и во деловен простор. Имате безброј школи и градинки кои се отворени во деловни простории.

Инвеститорите тврдат дека не се точни обвинувањата оти Деталниот не бил во согласност со Генералниот урбанистички план. Велат, ДУП-от е донесен пред ГУП-от да стапи во сила.

Во меѓувреме 27 Здруженија и универзитетски професори до премиерот испратија јавен повик да ја поддржи суспензијата од општина Центар за ДУП-от за паркингот спроти ГТЦ, но и за сите кои не се усогласени со Генералниот план.

Градоначалникот Богдановиќ побара помош од институциите за да може да се стопира изградбата на висококатниците. Жителите на Ново Маало, пак, бараат што е можно поскоро да почне реализацијата на проектот бидејќи во моментот живеат во супстандардни услови.