Македонија
26. May 2023 - 16:32

Проектантот на мостот „Беласица“ Вукан Његуљ визуелно констатирал сериозни оштетувања

Мостот е сериозно оштетен во внатрешниот дел каде се поставени продолжните кабли на главните носачи. Оваа проценка е првична од визуелната анализа која ја направи главниот проектант на мостот Беласица, инженерот Вукан Њагуљ од Србија кој за МИА изјави дека е потребно да се направи рентгенска и лабораториска анализа на внатрешноста.

„Да се испита во каква состојба се продолжните кабли на главните носачи на мостот, не дали се  оштетени како челик, туку оштетени во однос на нивната носивост. Ако челикот се прегрее, ги губи карактеристиките што ги има, вклучувајќи ја и силата во него, со што се намалува сигурноста на мостот до некоја мера и се менува напрегањето во конструкцијата.“

Директорот на институот за земјотресно инженерство и климатски промени на чија покана дојде проектантот на мостот за сител вели, од првичните согледувања, мостот не треба да се руши, но оштетен е токму средишниот дел и секое поголемо оптеретување е ризично.

До целосна санација би можело да се дозволи пешачки премин по мостот, кој ќе биде строго контролира. За лесни возила тоа ќе биде тешко изводливо и без проценка на ризик не е возможно.

За опожарениот мост, првичната анализа би била готова за 20 дена по што ќе се знае какви зафати ќе бидат потребни вели за сител директорот на институот кој град Скопје го ангажираше.

Животниот век на мостовите според теорија е 50 тина години и пожелно е да се прави редовна контрола за издржливоста со цел навремена санација велат експертите.