Македонија
30. October 2015 - 15:03

Проектот „АРМ мој вистински дом“ преставен пред припадниците на АРМ

Со 30 проценти учество од градежна цена, 240 еднакви рати за отплата и субвенционирана камата од ратите, припадниците на АРМ ќе добијат можност да купат стан кој е дел од проектот „АРМ мој вистински дом“ на Министерството за одбрана.

Како што ги информира денеска министерот за одбрана Зоран Јолевски, војниците од касарната Илинден, проектот за изградба на првата зграда е завршен и е доставен до општина Карпош.

- Подготвен и правилник за рангирање на  припадниците на АРМ за добивање стан, како и условите за негово добивање. Почетокот на првата зграда треба да биде кон крајот на декември или почетокот на јануари наредната година. Покрај добивањето на градежна дозвола, Владата на РМ донесе одлука за давање на долготраен бесплатен закуп за земјиштето каде што ќе се градат првите згради. Во преговори сме со банките за финансирање на овие станови, а разговараме и за дефинирање на условите за избор на градежна фирма, информираше министерот Јолевски.

Првиот објект ќе се гради во близината на касарната Илинден, а доколку има интерес ќе се продолжи со градби и во другите градови. Се претпоставува, рече министерот, дека ќе има поголем интерес и дека ќе се градат повеќе згради кон средината на јули или август наредната година.

Првата зграда, според Јолевски, се предвидува да биде изградена за 12 месеци.

Началникот на ГШ на АРМ Методија Величковски рече дека овој е прв проект за војската во кој целна група се семејствата на војниците.

- Со завршување на на проектот, припадниците на АРМ ќе успеат да ја покажат вистинската грижа кон семејството како основни клетки кон општеството, истакна Величковски.

Претходно, министерот Јолевски и началникот на ГШ на АРМ Величковски ги информираа војниците за поволностите за купување на стан преку проектот, во гарнизонот во Куманово и Петровц.

Зградата, според планот објавен на веб страната на Министерството се состои од подрум+приземје+4 ката. Во подрумот се сместени гаражи, на приземјето предвиден е деловен простор, а на четирите ката се становите за потребите на припадниците на АРМ. Покрај гаражите, недостатокот од паркинг простор согласно правилникот за проектирање на станбени згради е решен со паркинг места во рамките на градежната парцела.

Според структурата на становите во оваа зграда има три вида на станови. Еднособни станови со површина околу 40 м2, двособни со површина од 60 до 70 м2 и трособни од 80 до 90 м2.

При изработката на проектна документација за останатите згради покрај горенаведената структура на станови ќе бидат предвидени и четирисобни станови со површина од околу 100 м2.

Огласот за купување на стан за припадниците на АРМ е објавен на веб страната на Министерството во кој се наведени правилата за купување како и барања и изјави кои војниците треба да ги пополнат. На страната се наведува еден пример за стан од 55 метри квадратни кој се проценува дека би чинел 27.500 евра, војниците ќе треба да обезбедат учество од 8.250 евра и кредит од 19.250 евра. Месечната рата за отплата на главницата, припадниците на АРМ би ги ченела 80.2 евра во денарска противвредност.