Македонија
27. April 2016 - 10:37

Пролетната сеидба во Пелагонија во полн ек

Пролетната сеидба во Пелагонија е во полн ек, а за интензитетот на активностите погодуваат и временските услови кои им овозможуваат на земјоделците влез на земјоделските површини и реализација на планираното.

Од подрачната единица на Министерството за земјоделств, шумарство и водостопснатво информираат дека во овој момент во битолскиот дел на Пелагонија со пролетни култури се засејуваат околу 20.000 хектари.

- Условите за реализација на пролетната сеидба се идеални. Засеани се над 70 насто од планираниот сончоглед кој се одгледува на површини од околу 5,5 илјади хектари, а фуражната пченка и пченка за зрно ќе бидат засеани на околу 4 илјади хектари. Градинарските култури и оваа година ќе се засејуваат на површини до 3 илјади хектари, почна подготовката на расади за пипер од рана сорта, а луцерката и сточен грашoк веќе се засеани. Во овој дел од годината активни се и тутунарите кои ги подготвуваат расадите за тутун, истакна Илија Србиновски, раководител на ПЕ на МЗШВ во Битола.

Според проценките на агро-експерите, благодарение на добро подготвените земјоделски површини, пролетната сеидба во битолскиот дел на Пелагонија ќе заврши до крајот на идниот месец.