Македонија
26. July 2021 - 16:33

Прослави и за јубилејот 30 години независност

Од 21 август до 5 септевмри во Прилеп и Крушево ќе се одржи мултимедијалниот фестивал „Цело е кога се има 30“, кој се организира по повод 30 години независност на Македонија. Оваа манифестација вклучува концерти, театарски претстави, танцови претстави, изложби, а се со цел да се направи реактуелизација на нашето културно наследство во периодот од 1945 до 80-те години на минатиот век. Фестивалот е во продукција на училиштето за театар „Чин 4 Сцена 5“ од Прилеп, а проект менаџер е Звонко Димоски.

„Човекот кој што во изминативе 3 години е главен виновник за сите поголеми културни поместувања во градот Прилеп, тоа е Звонко Димоски, кој е нашиот проектен менаџер и би сакал само да напоменам и да нагласам дека доколку постојат личности како што се Звонко Димоски во нашиот град културата би била на едно далеку, далеку повисоко ниво“, рече Саша Нацевски, основач на училиштето за театар „Чин 4 Сцена 5“ од Прилеп.

Главната цел на проектот е модерната анализа и мултимедијалниот пристап во работата со клучните дела и автори од македонската современа литература, музика и уметност со цел да се претстават, не само како значајни за развојот и видливоста на македонската култура и идентитет, туку и како материја која со помош на современи техники може да биде атрактивна и за најмладите граѓани.

„ Повторно сакаме да се насочиме кон реактуелизација на значајни ликови, текови од нашата историја, користејќи современи медиуми, современи музички и сценски изведби“, вели Звонко Димоски, проект менаџер на Фестивалот.

Настаните ќе се одржат во Прилеп, на сцените на Домот за култура Народниот театар Војдан Чернодрински пред Саат-кулата, а во Крушево, пред Музејот на НОБ и платото пред споменикот Македониум.