Македонија
25. November 2022 - 16:46

Протест на превозниците - Обвинуваат дека Арсовска ги оставила без леб

Откако не најдоа заеднички јазик со градоначалничката Арсовска, приватните превозници помош побараа од Советот на град Скопје. 

Координаторите на советничките групи ги примија на средба, ги ислушаа, но велат не можат да го решат овој спор. Овој проблем ќе го стават на советнички прашања во понеделник, но повеќе не можат да направат, надлежни за проблемот се градоначалничката и директорот на ЈСП.

Приватните превозници велат целта ја постигнале, на советниците им ги образложиле сите документи и факти за нивното работење, но останува нерешен најгорливиот проблем - како и кога ќе си ги добијат милионските суми што им ги должи ЈСП.

Утрово приватните превозници ги паркираа своите автобуси пред ЈСП во знак на протест и бараа средба со директорот Стојковски, која не ја добија. 

Од јавното сообраќајно претпријатије им било кажано писмено да испратат барање за средба со директорот.

Велат нема да возат по нивните стандардни линии дури не добијат пари за нафта. 

Од град Скопје линиите по кои не сообраќаат приватните автобуси ќе ги заменат со автобуси на ЈСП, но сепак приватните превозници велат ЈСП нема толкави капацитети, а граѓаните со часови може да чекаат на автобуските постојки.