Македонија
5. July 2022 - 13:28

Протест во 19 часот пред Влада, па марширање до МНР и Собрание

 Пред Владата денеска напладне продолжи протестот за отфрлање на францускиот предлог за деблокада на интеграциите на државава во Европската унија. Дел од учесниците со шатори седат пред Владата, а за вечер исто така се најавени нови собири.

Околу владината зграда е поставена заштитна ограда, а видливо е и засилено полициско обезбедување.

На почетокот на протестот учесниците скандинираа „Оставка“, „Македонија“, „Никогаш Северна само Македонија“…

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Драган Ковачки на протестот изјави дека предлогот кој Владата на Ковачевски го прифаќа, е неприфатлив за државата.

-Народот, интелектуалците, општествените чинители и експертската јавност гласно кажуваат дека овој предлог за почеток на преговорите е штетен за Македонија и води кон две сценарија, кое од кое полошо за Македонија. Едното е вечно преговоарање, а второто е асимилација под диктат на Бугарија. Овој предлог претставува ултиматум кој во себе ги содржи сите бугарски барања, додаде Ковачки.

Според него, тоа што Владата се обидува да го спроведе како голем успех е всушен дипломатска катастрофа.

-Народот кажа Не, благодарам. Ковачевски и Владата треба да кажат дали стојат со или против својот народ, додаде Ковачки.

Инаку, од ВМРО-ДПМНЕ за вечер во 19 часот повторно повикаа на протест пред Владата, по што ќе маршираат кон Министерството за надворешни работи, а потоа ќе се упатат кон Собранието.

Протестот официјално нема организатор, но е поддржан од политички партии и граѓански организации кои сметаат дека предлогот е исклучително лош за македонскиот народ и македонските национални интереси. Вчера дел од учесниците на протестот со јајца гаѓаа пред зградата на Владата, а имаше собир и пред Собранието каде беше урната заштитната ограда.