Македонија
23. March 2017 - 20:14

Протестен марш на иницијативата „За заедничка Македонија“ во Скопје

Граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ и вечерва по 25. пат одржа протестен марш во Скопје. Учеснициците се движеа од Владата на Република Македонија до Собранието на Република Македонија. 

Од иницијативата ги повторија своите барања за безусловно отфрлање на платформата од Тирана и зачувување на унитарноста на Македонија, како и дека се против двојазична и двонационална држава, и против промена на знамето, химната и државниот грб. Со аплауз го поздравија претседателот Ѓорге Иванов и неговите одлуки, застанувајќи пред неговата народна канцеларија.

- Му повторуваме и му порачуваме да не подлегнува под  никакви протисоци и тоа ќе го повторуваме се додека треба. Ѓорге Иванов не смее да престане да го брани суверенитетот на Република Македонија. Претседателе, ја имате нашата поддршка, продолжете така како што започнавте, како што цело време работите. Ви благодариме, истакна Богдан Илиевски, кој е еден од организаторите на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“.

Тој повтори дека не смее да се избере кој било претседател на Собранието кој, како што рече, нема да се откаже од „тиранската платформа“ и од нејзината суштина.

- Сонцето кое некои сакаат да го снема од нашето знаме ќе продолжи да свети подеднакво за сите и од тоа не отстапуваме. Не го даваме нашето знаме. Мораме, наша должност е на идните генерации да им оставиме земја во која ќе живеат заеднички, мирно и достоинствено, а не во поделена земја, рече Илиевски.

Поддршка на иницијативата вечерва и дадоа докторите. Докторот од Универзитетската Клиника за детски болести – Скопје, Данило Нонкуловски рече дека СДСМ настојува да ги подели граѓаните на Македонци, Албанци и останати. 

- Она што овие месеци се случува со прифаќањето на тиранската платформа, не е само несериозност, туку тоа е влегување во уривањето на уставниот поредок на државата и претставува тешко кривично дело. Затоа ги повикувам СДСМ јавно да се откажат од таа платформа, истакна Нонкуловски.

Според него, ние сме мал народ, но со големо срце и знаеме како да ја одбраниме нашата татковина. - Секој без оглед на вера и нација мора да ја почитува државата во која живее, која го одгледала и школувала и тоа е основа за добар соживот, да го почитува и да го зборува нејзиниот службен јазик, рече Нонкуловски. 

Организаторите најавија протестен марш и утре со почеток во 17 часот.