Свет
5. May 2016 - 8:49

Протести на египетски новинари поради апсење на двајца нивни колеги

Илјадници египетски новинари побараа од претседателот да го разреши министерот за внатрешни работи и да се извини за полициската акција против новинарски синдикат и апсењето на двајца про-опозициски новинари.

На протестот присуствуваа околу 3.000 новинари кои бараа ослободување на нивните колеги во момент на се поголеми изрази за незадоволство од претседателот Абдел Фатах аз Сиси.

Стотици полицајци беа распоредени во централните делови од Каиро откако минатиот месец почнаа протести поради тоа што претседателот и предаде два острова во Црвеното Море на Саудиска Арабија. На 15 април илјадници демонстранти бараа соборување на режимот.

Според претставници на новинарскиот синдикат, полициската акција била првата во 75-годишната историја на организацијата.

Под мотото „Новинарството не е криминал“, репортерите бараа весниците да излезат во продажба со празни први страници и да запрат со користење на името на министерот за внатрешни работи Магди Абдал Гафар. Одлучено е да се одржи седница идната недела за да се организира штрајк ако барањата не им бидат исполнети.