Македонија
12. July 2021 - 19:39

Протести на земјоделците во центарот на Прилеп

Голем предупредувачки сеземјоделски протест се одржа денеска во Прилеп 

на кој присуствуваа земјдоелците од Прилеп, Битола, Тиквешијата, струмичко-радовишкиот регион и кочанскиот крај. Земјоделците истакнаа дека протестот се организира попради неисплатените субвенции во повеќе гранки, неисплатените ковид пакети за тутунарите и лозарите, а побараа и стопирање на предлог законот за продажба на државното земјиште и стопирање еко данок со кој се поскапуваат горивата. 

„Да земат во обзир дека оваа категорија на граѓани ја храни нацијата и дека придонесува бројно и финансиски во буџетот на државата. Треба да имаат во обзир дека ние како луѓе се мачиме по нивите, а тиие уживаат по канцелариите“, рече Игор Мирчески, коордиинатор на новоформираните тутунарски здруженија. 

Лозарите и производителите на ориз рекоа дека откупните цени за овие култури биле катастрофални, побараа заштитна цена од државата будејќи не можеле повеќе да издржат.

„Ситуацијата е катастрофална, откуп немаме, цената нагло падна, а еве за 2 месеци имаме нова реколта, нова жетва, а имаме некаде 50 до 60% заостанат ориз од лани. А откупната цена е ниска и беше ниска цела година и сега е најголем проблем што нема откуп“, истакна Стојче Ташевски, претставник на оризопроизводителите од кочанско.

„Цената на грозјето беше 13 денари, ние баравме да оди на кај 18 или 20 денари, а тие ја доведоа сега цената да биде од 2 до 10 денари за килограм грозје. И оваа не е издржливо. Ако биде исто како по ланска цена да го откупуваат тогаш ние подобро да го исечеме грозјето не ни треба. Три години по ред бараме заштитната цена на грозјето да биде 17 денари за вранецот, а 15 денари за смедеревката, плус 3 денари дополнителна мерка од државата“, додаде Дане Јошев, регионално здружение „Тиквешки лозаро-овоштари“ – Кавадарци.

Тутунарите пак обвинија дека поголем дел од нив кои лани повикале второстепени комисии за нова проценка на тутунот сега откупувачите како казна не им склучувале договори за оваа реколта.

„Како ќе се обештетат тие тутунари кои повикаа второстепена комисија, а не им е склучен договор од страна на откупувачите бидејќи ја повикале таа комисија. Како ние ќе просперираме и преживееме во наредната реколта без договори“, изјави Флоре Груевски, претставник „Тутунски земјоделци“ од с. Могила.

Инаку земјоделците денеска на протестот да им даде поддршка го повикаа и претседателот Пендаровски кој не се појави во Прилеп. Земјоделците истакнаа дека ако наскоро не се усвојат овие нивни барања ќе започнат со масовни протести низ цела Македонија.