Свет
6. September 2017 - 9:04

Протести во Вашингтон и во Њујорк поради одлуката на Трамп за укинување на ДАЦА

Полицијата во Њујорк синоќа приведе повеќе од 30 лица, кои ја блокираа Петта авенија на Менхетн, пред Кулата на Трамп поради одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да ја укине програмата за заштита од депортација на 800.000 млади имигранти кои нелегално влегле во САД, додека биле деца.

Во протестот во Њујорк учествувале околу 400 луѓе. И пред Белата куќа во Вашингтон се одржа протест, а градоначалникот на Чикаго, Рам Емануел обраќајќи им се на учениците од едно средно училиште, од кои голем број илегално влегле во САД, им порача дека се добродојдени.

И властите во Лос Анџелес најавија дека ќе изразат протест поради одлуката на Трамп за укинување на програмата ДАЦА.

Трамп вчера во одбрана на својата одлука за укинување на програмата ДАЦА, наведе дека американските работници мора да бидат на прво место. 

- Наш прв и најважен приоритет во спроведување на имиграциските реформи мора да биде зголемувањето на бројот на работни места, платите и безбедноста на американските работници и нивните семејства, се наведува во соопштението на Трамп.

Одлуката ја објави американскиот секретар за правда Џеф Шешнс.

- Од денеска нема да се обработува ниту едно ново барање, истакна вчера Сешнс, додавајќи дека Конгресот ќе има рок од шест месеци да одлучува за алтернативно решение.

Програмата ДАЦА е прифатена од поранешниот американски претседател Барак Обама, со која е овозможено привремено пролонгирање на депортацијата на речиси 800.000 квалификувани кандидати и им се издадени работни дозволи на две години, со можност за продолжување.

Обама одлуката на Трамп ја оцени како „погрешна, поразувачка и свирепа“.

- Да се таргетираат млади луѓе е погрешно, бидејќи тие не направиле ништо лошо. Тоа е поразувачки, бидејќи тие сакаат да почнат нов бизнис, да се вработат во нашите лаборатории, да служат во нашата војска и да придонесат за земјата која ја сакаме, Тоа е свирепо, напиша Обама на Фејсбук.

Судбината на „сонувачите“ (како што се нарекуваат луѓето кои како деца илегално влегле во САД) нема да се менува до петти март 2018 година, а администрацијата одреди рок од шест месеци за Конгресот да може да донесе закон за тоа. 

- Конгресу, подготви се да ја извршиш својата работа - ДАЦА!, напиша Трамп на Твитер.