Македонија
19. May 2017 - 19:41

Прва средба Заев - Ахмети по добиениот мандат, лидерите го договараат составот на новиот владин кабинет

Принципите на соработка, реформската Влада, Европските и НАТО интеграции – ова се темите на кои денеска разговараа претседателите на СДСМ и ДУИ на лидерската средба која се одржа во партиското седиште на социјалдемократскиот сојуз.. Речиси три часа траеше состанокот меѓу Заев и Ахмети, а за деталите од разговорот, партиите информираа преку заедничко соопштение.. Во кусото известување пишуваат дека ќе продолжат ваквите средби по што ќе се премине и на формирање на владиниот состав..

„Во наредниот период ќе се интензивираат динамиката и разговорите помеѓу двете партии, вклучително и со партиите што дадода поддршка за состав на новата Влада на Република Македонија, по што ќе се премине на конретните решенија за ресорните министерства“, се вели во партиското соопштение на СДСМ..

Од партијата не откриваат дали на лидерската средба се разговарало за распределба на ресорите.. Според партискиот портпарол, поважно било да се врати довербата на граѓаните за работата на Владата..

Инаку веднаш по состанокот со Заев, Претседателот на ДУИ заминал во Американската амбасада на заедничка средба со Заменик амбасадорот на САД во Македонија Микаела Швајцер Блум и евроамбасадорот Самуел Жбогар, информираа од Демократската унија за интеграција.. Во писменото соопштение од партијата се вели дека Ахмети со двајцата соговорници разговарал за формирањето на новата Влада..

„ Демократската Унија за Интеграција целосно е посветена во спроведувањето на бараните реформи од страна на меѓународната заедница, интеграцијата во НАТО и во Европската Унија, добрите меѓуетнички односи, но и економскиот развој и отварањето на нови работни места“, се вели во соопштението од ДУИ..

На средбата, Ахмети истакнал дека партијата ќе се заложи за решавање на застојот во работата на локалната власт а побарал и помош од САД и Европската унија за надминување на предизвиците со кои се соочува државата за да може да се продолжи со НАТО и ЕУ интеграциите..