Македонија
24. January 2023 - 16:34

Прва судска пресуда за лажен стечај во текстилната иднустрија

Гласен текстилец после 2 и пол годишна правна битка, успеа да докаже лажен стечај на една штипска конфекција пред Основниот суд – Штип. Денеска на прес конференција обелоденија дека лажниот стечај е донесен со цел да се избегне плаќање на плати, придонеси и други надоместоци, со што во прашање била доведена основната егзистенција на над 30-тина семејствата на вработените.

- Ова не е изолиран случај, значи ова се случува со промена на имиња на фирми во еден ист објект, меѓутоа за жал, немало кој да се спротистави, да започне, да прикаже криминал и да бара докази за сторени кривични дела, изјави Кристина Ампева, Гласен текстилец - Штип.

Ова е прв докажан лажен стечај во текстилната индустрија и треба да биде пример за сите работодавачи како не треба да се работи, а Државниот трудов инспекторат и УЈП биле на висината на задачата. Ампева додаде дека размислуваат да побараат одговорност и од стечајната управителка.

- Таа имала де факто увид во истата документација на компанијата како што имале другите надлежни институции и истражни органи. Треба да се види како дошло до тоа да не се видени тие злоупотреби и предизвикување на лажниот стечај. Како тоа УЈП и ОЈО најдоа докази за сторен лажен стечај, за кривично дело, а управителката не најде, изјави Ампева.

Правниот тим ја чека правосилната пресуда, по што ќе се поведе граѓанска постапка за исплата на плати, придонеси и опремнини кои управителот им ги должи на работничките.