Македонија
10. July 2019 - 14:13

Псцел: Северна Македонија пример како процесот на интеграција во НАТО забрзува решање отворени прашања

Политиката на НАТО кон земјите од Западен Балкан не е сменета, таа е континуирана, но изминатите две години се случи одреден прогрес во регионот, поради што Алијансата треба и соодветно да одговори на аспирациите на државите за интеграција во воено-политичкиот сојуз. Таков пример за земја, која направи голем исчекор е Северна Македонија.

Ова го порача висок службеник за Русија и Западен Балкан во Одделот за јавна дипломатија на НАТО Роберт Псцел во интервју за European Western Balkans.

Тој нагласува дека Северна Македонија, која се очекува и официјално да стане членка на Алијансата до крајот на годината, мора да се издвои како извонреден пример.

– Северна Македонија не е само успешна приказна од гледна точка за нејзината иднина и иднината на нејзините граѓани, туку е фантастична реклама за сите оние кои го поставуваат прашањето дали интеграцијата во НАТО е позитивен процес, нагласи Псцел, кој појасни дека со примерот на Северна Македонија всушност се покажува дека во процесот на интегрирање во Алијансата се создава позитивна клима за решавање на многу прашања, кои потешко би се решиле во поинакви околности, а сето ова се однесува и на процесот за влез во Унијата.

Псцел нагласи дека безбедноста на Западен Балкан е од големо значење за безбедноста на Европа, тоа е несраскинлив процес. Тој додаде дека за НАТО нема сомнение оти регионот е од стратешко значење и истакна дека не треба да се заборават случувањата во регионот од крајот на минатиот век и оти не смее да се дозволи негово повторно дестабилизирање.

– Западниот Балкан не е во задниот двор на Европа, на него треба да се гледа ако предворјето на Европа, нагласи Псцел.

Во врска со наративите дека Русија прави обиди да го спречи интегрирањето на регионот во НАТО, Псцел вели дека НАТО има чисти позиции – поаѓа од идејата регионот да го види просперитетен, стабилен, со стабилна иднина, развиена економија, без конфликти.

Тој истакна дека земјите од регионот ги имаат истите аспирации за интегрирање во ЕУ и НАТО, но додаде дека нема еден модел за сите, а тој процес се заснова на доброволност, земјите сами го избираат патот.

– Постојат сомневања дека има таква агенда, гледаме одредени однесувања кои сугерираат дека има желба со различни инструменти да се постигне тоа, се користат дезинформации, злонамерно влијание, влијание врз демократските процеси, а во најекстремните случаи како тој во Црна Гора имавме обид за пуч, додаде Псцел.

Според него, НАТО сака добра соработка со сите земји од регионот, согласно нивните желби и ја поддржува нивната соработка со сите други држави, доколку таа е позитивна и не влијае врз поткопувањето на регионалната стабилност.