Македонија
11. December 2024 - 19:46

Пулмологија полна – Загадениот воздух причина за повеќе пациенти со компликации

За најмалку четвртина зголемен бројот на пулмолошки пациенти и компликации поради кои бараат лекарска помош. Ако лани во ноември на Пулмологија имале 2400 прегледи, годинава бројките се преку 3000. Освен сезонскиот период и респираторните инфекции, честата изложеност на загаден воздух е најголемата причина за посета на клиниката.

Најтешко им е на лицата со ХОББ и астма кои често завршуваат во болнички соби бидејќи штетните пм честички им предизвикуваат сериозни компликации.

-Тие предизвикуваат едно сериозно хронично воспаление кое предизвукува акутни промени кај здрави лица, меѓутоа многу влијае кај пациентите со хронични белодробни болести како ХОББ, бронхит и астма кои доведуваат до акутни егзербации, до проширување на тоа воспаление и станува системско и тие пациенти имаат нагло влошување на нивната здравствена состојба и затоа се принудени да бараа тлекарска помош, вели д-р Ангела Дебрешлиоска – Клиника за Пулмологија.

Клиниката е полна со пациенти, болничките соби се исполнети а во амбулантите има болни од цела држава. Оние кои нема да бидат хоспитализирани, добиваат совет од пулмолозите да избегнуваат групирања, да носат заштитни маски кога надвор е загадено но и да интервенираат на загадениот воздух во затворени простории.

- Да се користат климатизери, филтри и навлажнувачи на воздух, бидејќи сувиот воздух дополнителн влијае на нивните белодорбни патишта,вели д-р Дебрешлиоска. 

Анализа за влијанието на квалитетот на воздухот врз човековото здравје покажува дека во ЕУ 240 000 луѓе годишно умираат од аерозагадувањето.