Македонија
6. December 2017 - 12:23

Пунктот за бездомници во Момин Поток ќе работи деноноќно, се отвораат три нови регионални

- Пунктот во Момин Поток од денеска ќе работи деноноќно за да може во зимскиот период да им обезбеди престој, топли оброци и здравствена заштита на бездомните лица од Градот Скопје. Дополнително, се отвораат уште три регионални пунктови во Струмица, Струга и Битола, кои ќе ќе даваат поддршка на бездомните лица од другите делови од Македонија.
 
- Согласно најавите на УХМР за пониски температури се реорганизираме со цел бездомните лица кои се на територија на Градот Скопје комплетно да бидат згрижени и да ги добијат сите услуги. Пунктот ќе работи деноноќно во наредните три месеци, рече Сузана Тунева Пауновска, секретар на Црвениот крст на Град Скопје.
 
Информира дека за овој период ќе бидат ангажирани 40 волонтери, дополнителни патролни социјални служби кои ќе патролираат во ноќните часови, а ќе има и медицински персонал за лицата кои имаат потреба од здравствена заштита.
 
 
Во текот на престојот во пунктот бездомните лица добиваат чиста облека, топли оброци, ја одржуваат својата хигиена, а добиваат и комплетна медицинска заштита. Црвениот крст, вели Тунева Пауновска, има соработка и со Клиничкиот центар и приватните болници за лицата на кои им треба секундарна здравствена заштита заради тоа што поголемиот дел од бездомниците се без здравствено осигурување.
 
Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска при посетата на пунктот истакна дека годинава Македонија подготвено ја пречекува зимата со отворање и на три дополнителни пунктови кои ќе работат како регионални центри, а се наоѓаат во Струмица, Струга и Битола.
 
- Подготвени се и центрите за социјална работа за во соработка со Црвениот крст да може да се превенира смрзнување на лица на улица и државата да си ја преземе одговорноста, односно работата во свои раце, рече министерката.
 
Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов истакна дека Градот за наредната година за триесет проценти ќе ја зголеми поддршката за функционирање на овој пункт.
 
- Градот Скопје досега издвојуваше 500 илјади денари за поддршка на овој пункт. Ја зголемивме оваа сума за околу 30 проценти и во буџетот за наредната година предвидовме таа поддршка да изнесува повеќе од 700 илјади денари, рече Шилегов.
 
Во текот на минатата година пунктот го користеле 54 лица, но, како што рече Тунева  со оглед на тоа што годинава има зголемен капацитет бројката на лица која што би можела да се опслужи овде е од 90 до 120 лица.