Македонија
18. March 2020 - 17:03

Расте бројот на заразени со коронавирусот во Македонија

До овој момент во земјава има 35 заразени лица со коронавирусот, откако нови четири случаи беа потврдени денеска. Сите доаѓаат од Скопје и се членови на семејството на вчера дијагностицираните од главниот град.

Со ова, билансот на заболени од Ковид 19 во Скопје се искачи на 12 лица, а останатите 23 се од Дебар.

Дали оваа бројка ќе се зголеми ќе зависи од тестот на 30 наши сограѓани кои вечерва ги очекуваат резултатите, информираше првиот човек на македонското здравство.

“Доцна синоќа се изработија резултати на уште 4 пациенти кои беа во врска со онаа група од вчерашниот ден, последно дијагностицирана, а врз основа на епидемиолошките анкети и податоците со кои тие луѓе комуницирале. Во овој момент се прават анализи на уште 30 лица од кои едно од Куманово, две од Скопје и останатите 27 се граѓани на Дебар и околината. Станува збор за лица кои немаат симптоми, но е можно да биле во контакт со некој од заболените”, изјави министерот Венко Филипче.

Сите дијагностицирани засега се со лесна клиничка слика. Стабилна е состојбата на сите пациенти на Клиниката за инфективни болести, на пациентите во Дебар, како и на пациентката која е на респираторна машина и нема знаци за влошување на нејзината состојба.

Министерот информираше дека се размислува и за промена на стратегијата за тестирање на вирусот. Потенцирајќи ја важноста од раното откривање, Филипче напомена дека покрај скринингот кој во моментов се врши во Дебар, тестови и без покажување на симптоми ќе следуваат и во останатите загрозени региони.

„Целта на масовните скрининзи е да ги уловиме групите луѓе кои можеби и не се свесни дека го имаат вирусот. Тоа не може да се почне нагло, мора да биде со план кој епидемиолозите веќе го работат. Оваа недела може да се почне со Струга и околината поради интензивната комуникација со Дебар. Од понеделник веројатно ќе може да се почне во Скопје”, изјави министерот.

По реакциите на групата од 10 луѓе сместена во Пепелиште, министерот истакна дека поради несоодветните услови тие во текот на денов ќе бидат префрлени во во Заводот во Демир Капија, а со сите останати кои евентуално би пристигнале ќе се постапува согласно со препораките.

Вечерва стигна и апелот од македонското МНР, во кој се вели дека македонските граѓани затечени во странство поради ситуацијата со коронавирусот ажурно да се пријават во дипломатско-конзуларните претставништва во земјата каде сте затекнати, или во најблиската амбасада, доколку во таа земја немаме мисија.

Емаил адресите на македонските претставништва нашите граѓани можат да ги најдат на сајтот на МНР https://mfa.gov.mk/.