Македонија
25. May 2020 - 16:49

Расте свеста за донирањето органи

По два дена од извршената трансплантација на срце, 54 годишниот Иван Огњановски се чувствува добро и полека се опоравува. Во стабилна и добра состојба се и двајцата пациенти кои добија бубрег од истиот донор. По успешната и прва трансплантација на срце во земјава лекарите не гледаат ниту законодавна ниту стручна пречка овие интервенции да станат пракса. Во нашата земја недостига поголема свест, само со добра информираност на граѓаните органодарителството може да биде редовна и нормална процедура. Веста која во петокот ја остави будна целата јавност наиде на голем  интерес кај граѓаните.

Во Македонија нема регистар на органодарители па затоа тој процес се одвива поспецифично. Од здружението Храбро Срце подготвуваат иницијатива со која ќе може  постхумно да се донира органи со претходно заверена изјава на нотар. Ваква иницијатива е веќе прифатена во Црна Гора и е на сила од 2019г. Од здружението велат во актуелниот закон кај нас стои дека е потребно донорот да изразил желба во текот на својот живот но сепак фамилијата ќе го има последниот збор.