Македонија
27. November 2020 - 19:39

Редици позитивни пациенти молат за преглед пред Градската болница

Гужви, безредие, нетрпение, кавги. Ваква е сликата пред влезот на Ковид-центарот во „8-ми септември“. Пациенти заразени со коронавирусот со часови чекаат за преглед, дел од нив беа вратени со образложение дека дошле доцна. Токму долгото време на чекање е причината за кавги меѓу граѓаните и вработени во болницата.

-Шаторите кои менаџментот на болницата ги постави за да се намалат гужвите пред влезот на Инфективни болести седат празни. Пациентите се жалат дека нема греење, а се уште ги нема ниту домофоните кои ги најави директорот на болницата, а преку кои ќе требаше да се повикуваат пациентите по број.

Директорот Костов вели дека медицинските работници веќе се преморени, но и покрај тоа ниту еден пациент не е вратен назад.

-Долги години имаме обезбедување. Тие се грижат за да има ред на прегледите. Меѓутоа, доколку дневно има по 150-200 прегледи верувајте дека луѓето стануваат нестрпливи, понекогаш се створаат такви ситуации. Меѓутоа, на крајот секој пациент е прегледан и ниту еден пациент не е вратен. Доколку е за хоспитализација се хоспитализира, вели директорот д-р Христијан Костов.

Иако денеска пред влезот на ковид-центарот имаше припадници на безбедносните сили, Костов вели дека координацијата за воведување ред ја врши обезбедувањето на болницата.