Loading Video...
Бизнис
18. March 2020 - 19:51

Регионот и Европа во силна борба за спас на економијата

Коронавирусот ги погоди и европските и светските економии. Државите со пакет мерки се обидуваат да го намалат ударот врз економијата.

Грција од денеска го намали ДДВ-то на производите неопходни за заштита од коронавирусот, вработените чија работа е прекината поради вонредните мерки ќе добијат надомест од 800 евра, финансиски средства за бизнисите погодени од кризата. Мерките кои се воведуваат се во висина од 3,8 милијарди евра.

Народната банка на Србија вчера пропиша мораториум на отплата на кредитите и месечните рати за лизинг за сите должници со напомена дека овој застој не може да биде пократок од 90 дена. Тоа значи дека во овој период, должникот нема да има обврска за плаќање на своите обврски по основ на кредит, а нема да му се пресметува ниту затезна камата.

Хрватската влада вчера предложи одложување на даночните плаќања за најмалку три месеци со цел да се задржат работните места и да се обезбеди доволна ликвидност.

Грција, пак, го одложи плаќањето на ДДВ за четири месеци. Слични потези, за одложено плаќање на ДДВ покренаа и други држави од Европа. Па така, Данска ги одложи до 30 дена, Италија го одложи плаќањето за сите компании во т.н. „црвени зони“, а Шпанија го одложи за шест месеци за малите и средните компании.

Во однос на плаќањето на придонесите и даноците, Грција го одложи плаќањето на социјалните придонеси до 30 јуни, Франција, исто така го одложи плаќањето на социјалните придонеси. Велика Британија, пак, направи план за одложено плаќање на даноци по индивидуалнен договор со малите и средните компании.

Дел од државите воведоа субвенции за компаниите. Германија ќе ги стимулира работниците со намалено работно време. Франција ги субвенционира работните места. Велика Британија дава грантови за најмалите претпријатија, како и субвенционирање на боледувањето за малите и средните компании.

Дел од државите воведоа и секторски мерки, па така, во Италија сите компании кои ќе претрпат пад на приходите од 25 отсто ќе добијат даночен кредит.