Бизнис
16. November 2021 - 19:43

РЕК Битола повторно со еден активен Блок

РЕК Битола повторно работи со еден блок, Блок 1 не е во функција, работи само Блок 2 кој вчера беше приклучен во електроенергетската мрежа. Информациите од ЕСМ се дека не се работи за дефект, туку за редовна ревизија на блок, односно планско исклучување од 12 часа. Откако Блок 2 во текот на вчерашниот ден беше приклучен во електроенергетската мрежа после испитувањата кои беа извршени за новата заштитна опрема на генераторот, Блок 1 после полноќ бил исклучен, затоа што во тој период конзумот на потрошувачка е сведен на минимум, велат од ЕСМ. Откако ќе заврши ревизијата ќе биде приклучен повторно на мрежата.

Од ВМРО ДПМНЕ пак велат дека Блок 1 е исклучен заради хаварија во котелскиот дел, по само неколку дена заради нестручна санација, додека Блок 2 е оставен на технички минимум заради испад по нестручен ремонт. ВМРО ДПМНЕ, од пред РЕК Битола побараа оставка од раководството и формирање принудно раководство составено од енергетичари со цел спас на ЕСМ и РЕК Битола.

- Производството на струја од РЕК Битола е сведено на минимум или воопшто го нема. Причината е една: испумпување на што поголема количина на пари прикриено под назнака „ремонт на блокови“, бидејки назнаката „ископ на јаглен“ веќе стана излитено клише. Во рудниците во РЕК Битола е исто така критично. Годинава се потрошија 60 милиони евра за ископ, јаглен нема ни за еден месец. Ископ скоро и да нема. Дел од багерските единици се надвор од погон заради хаварија, а дел, дознаваме, намерно се тргнати од производниот процес на јаглен во корист на камионскиот транспорт на надворешни фирми, рече НАУМ СТОИЛКОВСКИ, ПОРТПАРОЛ НА ВМРО ДПМНЕ.

Во меѓувреме, додека се прави ова исклучување на Блок 1, ЕСМ објави ново барање за купување струја.