Loading Video...
Кошарка
23. November 2020 - 18:23

Репрезентацијата на пат кон Талин, а Димитриевиќ во Скопје

Македонската кошаркарската репрезентација отпатува за Талин, каде ќе ги игра следните два натпревари во квалификациите за ЕП. 
 
И додека тимот што се подготвуваше отпатува за Софија, каде им се приклучи капитенот Војдан Стојановски, па преку Франкфурт, ќе заминат за Естонија, речиси истовремено, во Скопје пристигна најдобриот македонски кошаркар за 2019 Ненад Димитриевиќ. 
 
Плејмејкерот на Хувентуд, воопшто и не се најде на последниот, скратен список на играчи на селекторот Александар Тодоров, а по реакциите во јавноста, денеска пристигна информацијата од „куќата на кошарката“. 
 
„Тој дојде во Скопје,  и денеска разговарав со него, за ситуацијата во која се најде откако поради Корона вирусот во изминатиот период не беше во состојба да ги извршува своите професионални обврски. - Ќе видиме дали и колку во овој момент Ненад е подготвен да одговори на барањата кои со себе ги носи еден турнирски систем на натпреварување како овој што следува во Талин. - Друг непознат момент е што во рок од четири дена, според протоколот на ФИБА, тој мора да има два негативни теста од Ковид-19. Затоа, кога ќе ја имаме неговата комплетна здравствена слика, ќе знаеме кои ќе бидат следните чекори“,  појаснува спортскиот директор Тодор Гечевски.
 
Инаку за утре е планирано на Димитриевиќ  да биде прегледан во клиниката „Жан Митрев“, по што ќе се одлучи што и како понатаму. 
 
Сепак останува фактот, за лошата или воопшто немањето на комуникација од канцеларијата на Кошаркарската федерација, со нашиот најдобар кошаркар за минатата година.  
 
Има ли време, ќе дозволи ли здравствената состојба, и штоп е најважно, ќе може ли воопшто во таква ситуација Димитриевиќ да им се приклучи на останатите и да им помогне во обидот да се остварат првите победи во квалификациите останува да се види. 
 
Првиот натпревар во Талин, македонските кошаркари ќе го играат со сабота 28 ноември, а два дена подоцна ќе се сретнат со домаќинот Естонија.