Македонија
9. August 2020 - 16:35

Реставрацијата на Орта Џамија во Струмица заглавена во порцедури и меморандуми

Еден од најзначајните археолошки, културни и историски споменици во Струмица се распаѓа, а струмичкиот завод и музеј нема можност соодветно да го заштити објектот. Скоро четири години изработката на проектот за санација на Орта Џамија е закочена. Средства за таа  намена се обезбедени, проектот е платен, скоро 80% од истражувањата завршени, но  работите стојат во место бидејќи Завод и Музеј не може да добие согласност од Исламската верска заедница која е сопственик на објектот за  довршување на истражувањата . Директорот на музејот вели дека истражувањата морало  да се завршат бидејќи само на тој начин ќе се добијат релевантни информации како настанале оштетувањата на објектот и како да се стопираат во иднина.

,, До сега се направени од страна на Институтот за земјотресно инженерство повеќе мерења и анализи околу објектот, на објектот и во објектот, а во моментот недостасува анализа на под темелот на џамијата. Да се откријат вистинските причини за настанатиот процес за поместување на тлото и на конструкцијата на џамијата.,, вели Ацо Манински - директор на Завод и музеј Струмица.

За да ја дадат потребната согласност од ИВЗ барале по завршувањето на санацијата ,  објектот да може да го  користат за извршување на верски обреди.  Од струмичкиот завод и музеј велат,  таква одлука тие ниту можат ниту смеат да донесат. Единствената нивна надлежност била заштита на културното наследство.

,, Исламска верска заедница бара од нас, од институцијата некоја согласност и од министерството за култура дека ќе може во иднина по санацијата на објектот да го користи за сопствени цели за верски обреди. Ние тоа ниту можеме да го дадеме, ниту смееме, ниту имаме право да го дадеме бидејќи ние сме задолжени само за заштитата. При евентуалната натамошна употреба и искористување на објектот главниот збор секако ќе го дадат владата, министерството и сопственикот.,, вели Манински.

Во однос на Орта Џамија во Струмица, ставот на ИВЗ е јасен и познат, како на музејот, така и на министерство за култура, информираат од од ИВЗ. Од таму потенцираат дека на последниот состанок од сите заинтересирани страни било договорено за зачувување на објектот како културно наследство, да се потпише  меморандум за соработка во кој јасно и прецизно ќе биде наведено дека нема да се чепка во природата на објектот, и на крај ќе и се предаде  на ИВЗ како сопственик  и на владение.

,,Ние како ИВЗ го имаме потпишано меморандумот, истиот меморандум кој го состави самиот Музеј на град Струмица,  и истиот е доставен до заинтересираните органи, но зошто тие одбиваат да го потпишат и избегнуват од договореното, и несериозно постапуват по овој предмет,  одговорот сигурно може да го барате кај нив. Ние како сериозна институција, сме подготвени за соработка, посебно кога е во прашање зачувувањето на културно наследство и тоа сме го докажале досега на многу заеднички проекти низ цела држава како Битола, Охрид, Струга, Тетово, Скопје и други градови,, велат од ИВЗ.

Орта Џамија е изградена во 17 век и важи за еден од по зачуваните културно историски споменици во Струмица. Под темелите на џамијата е откриена три корабна средновековна црква датирана од крајот на 11 и почетокот на 12 век, а под темелите на црквата има антички храм.