Роберта Мецола реизбрана за претседателка на Европскиот парламент
Роберта Мецола од малтешката конзервативна Национална партија (ПН), која е дел од групата на Европската народна партија (ЕПП), денеска беше реизбрана за претседателка на Европскиот парламент со мандат од две и пол години.
На конститутивното заседание на новиот состав на Европскиот парламент, што се одржува во Стразбур, за Мецола гласаа 562 европратеници, а нејзината противкандидатка за функцијата Ирене Монтеро од шпанската партија Можеме (Подемос), дел од групата на Левицата, доби 61 глас.
Вкупно 77 гласачки ливчиња беа прогласени за неважечки.
За да биде избрана, на една од двете кандидатки за претседателка на ЕП и беше потребно да освои апсолутно мнозинство од дадените валидни гласови или во овој случај 312 гласа.
Процесот на избор на претседател на ЕП, што се спроведе со тајно гласање, и пребројување на гласачките ливчиња, го контролираа осум европратеници избрани со ждрепка.
Пред гласањето Мецола и Монтеро им се обратија на европратениците презентирајќи ги своите заложби и визии за работата на Европскиот парламент и иднината на ЕУ.
Конститутивното заседание на ЕП го отвори Мецола, по што гудачки оркестар во живо ја изведе химната на ЕУ „Одата на радоста“.
До изборот на новиот претседател, претседавањето со седницата го презеде актуелната потпретседателка Пина Пичерно.
Овој десетти состав на Европскиот парламент има 720 места или 15 повеќе отколку претходниот парламентарен состав.
Вкупно 54 отсто од европратениците се новоизбрани, а 39 проценти од членовите на Европарламентот се жени.
Најмлад член на Европскиот парламент е 23-годишната европратеничка Лена Шилинг од австриската партија Зелени – Зелена Алтернатива (ДГ), а најстар 77-годишниот Леолука Орландо од италијанскиот Сојуз на зелените и левицата (АВС).
И двајцата европратеници се дел од групата на Зелените во ЕП. Просечната возраст на европратениците во овој состав е 50 години.
Европратениците се организирани во осум пратенички групи и тоа Европската народна партија (ЕПП) со 188 пратеници, Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите (СД) со 136, Патриоти за Европа (ПФЕ) со 84, Европски конзервативци и реформисти (ЕЦР) со 78, Да ја обновиме Европа со 77, Зелени – Европска слободна алијанса (Зелени/ЕФА) со 53, Левицата во Европскиот парламент (Левица) со 46 и Европа на суверени нации со 25 пратеници.
Вкупно 33 европратеници не се дел на ниту една пратеничка група.
Ново на Сител
-
Реакција од Стручниот колегиум при ЈЗУ УК за респираторни заболувања кај децата-Козле
-
Неврохирургот Рендевски, претседавач на Европскиот конгрес по неврохирургија
-
ОН: Израелската армија го „отсече“ северниот дел на Газа од остатокот од Газа
-
Четири општини најавија поддршка од сите аспекти за Здружението на граѓани Албанска академија на науките и уметност
-
Кривична за 49-годишник поради сомнение за кражба на електрична енергија
-
Маж и жена од Скопје меѓусебно се пријавиле за насилство
-
Тетовчанец измамен за 750 евра
-
Пентагон: Во Израел почнаа да пристигнуваат компоненти за напредниот американски противракетен систем