Македонија
7. August 2021 - 17:09

Романските Херкул и Спартан ќе ги гаснат македонските пожари

Романски воен авион Спартан од денеска ќе помага во локализирање на пожарите во Малешевијата. Ќе испушта 6 тонски кеси со вода кои во форма на падобран ќе се распрскуваат врз огнот. Дополнително Романија испраќа уште еден авион Херкулес за логистичка поддршка кој треба да донесе контејнери и дополнителна придружна опрема. Авионите ги опслужуваат 15 војници - пилоти,  навигациски персонал и помошен персонал соопшти романската Влада.

- Станува збор за специјализиран авион кој носи пожарникари и 6-тонски кеси кои се полнат со вода и при летање на подрачјето тие се пуштаат и во форма на падобран бомба се распрскуваат врз огнот. Во координација со Генералштабот ќе се одлучи каде големиот авион ќе полни вода. Охридското Езеро е забрането со УНЕСКО да се користи за оваа намена, па имаме две можности, или Преспанското Езеро или некое од вештачките езера“, кажа Горан Стојановски од Центарот за управување со кризи.

Армиските и српските хеликоптери веќе нема да се враќаат да полнат гориво на скопскиот аеродром. Во Берово е обезбеден импровизиран хелиодром каде што ќе ги полнат резервоарите,  а вода ќе полнат од акумулациите во близина.

Освен Романија,  досега помош за гаснење на пожарите испратија и Србија, Бугарија, Словенија и Австрија. На терен се околу 200 странски пожарникари со 50тина противпожарни возила. Србија помага и со три хеликоптери.