Македонија
7. April 2016 - 13:35

Саем на традиционални производи од Полошко

Традиционална храна, декорирани торти, домашна павлака, органски путер, сапуни од козјо млеко, мед и билни масла, природна, рачно произведена козметика, уникатен златен накит од филигран, традиционална албанска свадбарска облека, дрвени маси, столици и други видови мебел, се само дел од производите изложени на саемот „Полог: природа, култура, авантура“, отворен денеска во Центарот за дизајн „Јавна соба“.

Саемот е организиран од локалната акциска група (ЛАГ) Боговиње - Брвеница, во партнерство со УСАИД проектот за експанзија на мали бизниси и финансиска поддршка на швајцарската влада.

- Полошкиот регион е дом на голем број мали бизниси кои нудат и традиционални и иновативни производи. Овој саем е можност тие да се претстават пред потенцијалните потрошувачи, но воедно и да ја промовираат добрата гастрономија и регионалната култура, истакна директорот на УСАИД во Македонија Џејмс Стаин.

Нагласувајќи дека малите бизниси се многу значајни за економијата, заменик-амбасадорот на Швајцарија Катерина Штокер укажа на важноста од нивната одржливост, раст и развој. 

 

Особено радува фактот, додаде, што има толку многу бизниси водени од жени и млади претприемачи. - Токму тука полошкиот регион има голем потенцијал кој не е доволно искористен. Полог, исто така, се развива и во една од најдобрите дестинации за активен туризам. Владата на Швајцарија го поддржува овој процес преку помош на малите бизниси да го подобрат квалитетот на нивните услуги со инвестирање во подобра инфарструктура и поврзување на Македонија со меѓународни тур-оператори, напомена Штокер.

Саемот ќе биде отворен до сабота, 9 април и ова е првиот од серијата настани што ги организираат локалните акциски групи чија цел е стимулирање на економскиот развој во руралните подрачја.