Свет
7. August 2017 - 14:21

Сајмон Фрејзер: Преговорите за Брегзит не се ни започнати како што треба

Поранешнииот директор на британскиот Форин Офис, Сајмон Фрејзер денеска изјави дека преговорите за излез на Велика Британија од ЕУ се уште „не се започнати како што треба“, затоа што и натаму постојат разлики во британската Влада околу целиот процес.

Фрејзер, кој во Министерството за надворешни работи во Лондон беше до 2015 година, во интервју за радио Би-Би-Си изјави дека негов впечаток е дека Велика Британија „делува отсутно“ од веќе започнатите преговори во Брисел, како и дека „загрижива што Британија влезе во преговорите без јасна позициј“.

Лондонските медиуми објавија дека дури сега се очекува британската Влада да ги објави документите за позицијата на официјален Лондон кон клучните прашања во преговорите.

Според Фрејзер, тоа досега не е направено поради отворените разлики на владините министри и затоа што Владата на премиерката Тереза Меј се уште нема обезбедено единствен фронт кон ЕУ.

- Владата треба што е можно поскоро да објави ако мисли да ги регулира идните односи, а пред се контролата на границите и уредувањето на граничната линија меќу Северна Ирска и Република Ирска, смета Фрејзер.

Тоа, според него, ќе покаже дека британската Влада е навистина подготвена за работа и сака да ги разреши дилемите и проблемите кои се појавуваат.

Проконзервативниот „Сандеј Телеграф“ вчера објави дека Владата на Меј е подготвена да плати 36 милијарди фунти „отпремнина“ при „раздвојувањето на Британија од ЕУ“, што по актуелниот курс изнесува околу 44 милијарди евра.

Владини извори на кои се повикуваа медиумите, откриваа претходните денови дека Лондон е подготвен да плати до 50 милијарди евра, но претставник на Владата денеска објасни дека се уште нема согласност околу „цената на разводот“ меѓу Велика Британија и ЕУ.

Пратеници од десницата во Конзервативната партија и антиевропејците и натаму инсистираат дека Велика Британија ништо не смее да и плаќа на Унијата, заканувајќи се дека еден таков договор „нема да помине во Парлментот“.

Министерството за Брегзит, меѓутоа, не ги прифаќа ваквите оценки дека „работите не одат како што треба“. Портпарол на Министерството објасни дека „преговорите добро напредуваат за повеќе покренати прашања“.