Македонија
3. March 2016 - 14:00

Санкционирани 310 лица кои управувале возила без дозвола во тетовско-гостиварското подрачје

Портпаролот на СВР Тетово Марјан Јосифовски денеска информираше дека 310 лица кои управувале возила без положен возачки испит биле откриени и соодветно санкционирани од полицијата во тетовско-гостиварското подрачје за првите два месеци од оваа година. 

Според полициските податоци во текот на минатата година на истото подрачје откриени биле вкупно 1092 лица што управувале возило без возачка дозвола.     

- Поради воочената појава дека освен автомобили, поединци без возачка дозвола управуваат и такси комбиња со кои вршат јавен превоз на патници со што ја доведуваат во прашање не само сопствената туку и безбедноста на другите учесници или на патниците кои ги превезуваат полицајците од СВР Тетово и во следниот период ќе продолжат со постојаните контролни и други активности за ефикасно справување со „дивите“ возачи со цел тие навреме да се откријат и отстранат од сообраќај, изјави Јосифовски.

Согласно Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата за управување возило без дозвола е казниво со глоба што изнесува  300  евра во денарска противвредност. Покрај за лицето кое ќе биде затекнато  да  управува без дозвола глоба од  400 евра предвидена е и за сопственикот на возилото што му го дал на користење.