Македонија
30. April 2020 - 10:28

СДСМ: Со директна злоупотреба на функцијата Чулев го штити Мицкоски

Со директна злоупотреба на функцијата министерот за внатрешни работи Наќе Отсјај Чулев го штити својот партиски шеф Христијан Мицкоски и со бесмислени теории ја лаже јавноста.

Откако цела јавност виде дека Мицкоски посетува теретана, придружуван од командантот на единицата „Тигар“ и уште еден полициски работник, Чулев манипулира со доказите и во стилот на МВРО-ВМРО сака да го заштити својот шеф.

Иако истрагата се уште не е завршена, Чулев ја затвори истрагата за случајот и тоа го објави во јавноста, иако датумот кога е направена видео снимката се уште не е утврден од страна на полицијата, а тоа во случајов се наметнува како клучно за да се утврди дали Мицкоски посетувал теретана во време кога на сила се забраните против коронавирусот. Овој факт е важен за јавноста да биде правилно и точно информирана за настанот.

Дополнително, иако на снимките јасно се гледа дека полицајците носат ракавици за заштита од коронавирусот, Чулев без ни малку срам тврди дека тоа не биле ракавици туку отсјај од светлото. Ваквите лажни теории во стилот на „жолтите комбиња“ не поминуваат кај граѓаните, туку само ги потсетуваат на методите на владеење на ВМРО-ДПМНЕ.

Ние нема да замижиме пред фактот дека истрагата за потенцијалното несовесно однесување на лица од ВМРО ДПМНЕ во време на пандемија и натаму не е завршена, се додека не се утврди вистината.

Со овој случај Чулев и ВМРО-ДПМНЕ јасно потврдуваат дека кај нив ништо не е сменето. Јасно е дека нивната единствена цел е да ги заробат институциите и да ги злоупотребуваат за нивни партиски и лични цели, на истиот начин како што тоа го правеа 11 години под менторство на Никола Груевски.

Нема да дозволиме ВМРО-ДПМНЕ да го претвори МВР во партиска испостава, во МВРО-ВМРО. Конечно треба да им стане јасно и на Мицкоски и на Чулев дека секој во државата денес одговара за неодговорно и незаконско постапување и дека во Македонија владее правна држава.

Заврши времето на привилегирани граѓани, Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ мора да ги почитуваат законите.